Меѓународен УНЕСКО едукативен сервер за образование за демократија, мир и човекови права
 
  D@dalos почетна Почетна Графички преглед Контакт  
 

 

Теми:

Човекови права / Примери / Демократија / Партии / ЕУ / ООН / Одржливост / Глобализација / Веб 2.0

     

 

Методи:

Политичка дидактика / Методи на политичкото образование / Педагогија на мирот  /// критика, коментари?

 
 

 Вие сте тука:

D@dalos > Почетна > Европска унија > Што е ЕУ?

 



Содржина


Теми на онлајн-учебникот за ЕУ:

Вовед

Значењето на ЕУ

Што е ЕУ?

Развојот на ЕУ

ЕУ-институции

ЕУ-интернет
пребарување
 


Што е ЕУ?

Како што е изложено во Воведот, постојат цела редица причини што го отежнуваат занимавањето со ЕУ: нејзината сложеност, фактот што таа постојано се менува и многу други.

Меѓутоа, сите тие му отстапуваат место на централниот проблем, имено дека ЕУ не може да се допре со, нам познатите, категории како: внатрешна политика, надворешна политика или меѓународна политика.

При една дискусија за разликите во известувањето за националната и ЕУ-политиката што ја водевме пред некое време со новинари од југоисточна Европа, еден од учесниците го резимираше тоа на следниот начин:


 

Известувањето за национална политика е поедноставно затоа што значителен дел од нашите читатели има барем основно разбирање за тоа, како функционира една национална политика и знае, што претстатвува влада, парламент, партии и застапување интереси и каква интеракција постои помеѓу нив во законодавниот процес. Значи, со други зборови тие имаат еден модел што им овозможува, да класифицираат и да разберат вести и информации. Но, во случајот со ЕУ недостасува таков модел, недостасува такво основно познавање.

И токму тоа е одлучувачката точка: недостатокот на познавање кај граѓаните, па дури и аверзијата за да се занимаваме со ЕУ, е во дирекна врска со тоа што ни недостасува еден шаблон, за да можеме да започнеме нешто со оваа организација.

Овој дел има за цел да го отстрани ваквиот дефицит. Поаѓајќи од познатиот терен на националниот политички систем ќе се обидеме, да ги обработиме централните обележја на ЕУ и да подготвиме еден модел што овозможува да ја разбереме ЕУ како самостоен, нов феномен. Ваквиот модел сакаме да го развиеме на оваа страна во четири чекора:

Чекор 1: Како функционира еден политички систем?

Чекор 2: Зошто ваквиот модел повеќе не е доволен

Чекор 3: ЕУ како систем од повеќе нивоа

Чекор 4: Ползата од моделот на систем со повеќе нивоа






Нашиот (несвесен) модел за политиката



Чекор 1: Како функционира еден политички систем?

Кога се говори за политика и политички системи, многумина од нас имаат во глава определен модел, на којшто би сакале да потсетиме. Неговата основа се состои од националната држава што е затворена кон надвор, систем во којшто постојат одредени институции и механизми. Ние, познавачите на политичките науки, го нарекуваме ова политички систем. Овој политички систем ги носи сите обврзувачки закони, коишто го регулираат соживотот во едно општество. На следната графика е прикажана оваа поврзаност во исклучително поедноставена форма.

Графика 1: Обврзувачко поставување правила во една национална држава



Тука прикажаниот механизам се наоѓа во сите типови на системи, како во авторитарни така и во демократски. Покрај тоа, демократските систем се карактеризираат со тоа што граѓаните се вклучени во овој процес. Тие избираат пратеници во парламентот, можат да се приклучуваат кон политички партии и групи на интереси, додека слободните медиуми нудат можност, на владата и на парламентот да им дадат повратна информација во врска со законите донесени од нив.

Графика 2: Демократски национални држави



Ова е, честопати несвесниот, модел, што мнозинството од нас, граѓани, новинари и политичари, го знаат кога станува збор за ЕУ.







ЕЗЈЧ како нова, супранационална форма на меѓународна соработка



Чекор 2: Зошто ваквиот модел повеќе не е доволен

На 23 јули 1952 во сила влезе Договорот од Париз, со којшто беше основана Европската заедница за јаглен и челик (ЕЗЈЧ). Станува збор за договор помеѓу шест национални држави (државите од Бенелукс, Сојузна Република Германија, Франција и Италија), со којшто беше воспоставен еден заеднички пазар за јаглен и челик. Дали тука се работеше само за уште една меѓународна организација како рамка за соработката на националните држави во одредена област?

Воопшто не станува збор за тоа, ЕЗЈЧ претставува нешто ново. Не само поради тоа што беше создаден еден заеднички пазар, значи многу повеќе од слободна трговска зона, во еден сектор што во тоа време беше мошне важен, туку и токму поради тоа што на тој начин земјите-учеснички во оваа сфера отстапија значителен дел од својот суверенитет на новосоздадени супранационални институции. Тоа може да се препознае на сликата подолу, којашто се повикува на нашиот досега употребуван модел.

Графика 3: ЕЗЈЧ како супранационална организација



ОД сликата може да се констатира, дека со основањето на ЕЗЈЧ политичките системи на вклучените национални држави го изгубија своето дотогаш ексклузивно право да донесуваат директно обврзувачки регулативи за граѓаните што живеат на нивната територија - сепак најпрво за една сфера: јаглен и челик. Ваквата конструкција се разликува принципиелно од мошне ограниченото влијание на меѓународните организации, како што е случајот со само кратко претходно (1949) основаниот Европски совет.

Иако и овој располага со институционални мерки, коишто треба да ја олеснат соработката на земјите-членки (комитет на министри, парламентарно собрание итн.), тој не поседува никакви овластувања за донесување одлуки, коишто директно би ги обврзувало вклучените национални држави или, воопшто, нивните граѓани. Затоа ЕЗЈЧ ја означуваме како супранационална, додека Европскиот совет како меѓународна организација.

Додека ваквата состојба остана ограничена најпрво на една област, тоа се промени фундаментално во следните децении, така што нашата слика денес изгледа вака:

Графика 4: ЕУ денес



На тој начин се појавуваат цела редица теоретско-аналитички и практични проблеми и прашања. На прв поглед би требало да биде јасно, дека речиси нема смисла да се врши анализа на политиката во некоја од земјите-членки, без притоа да се вклучи и ЕУ. Голем број поврзаности би останале едноставно нејасни и би н довеле до погрешни заклучоци, на пример што се однесува до просторот за маневрирање на владите.

Но, истото важи и обратно. Доколку би се концентрирале само на Брисел, значи на ЕУ-институциите, за да ги истражуваме обележјата на процесите на одлучување или резултатите од политиката, би го пренебрегнале фактот што барем некои од тие институции, особено советот на министри и Европскиот совет, се состои од претставници на земјите-членки, чие дејствување е исклучително силно дефинирано преку поврзаноста со нивната национална рамка. Освен тоа, не би бил земен предвид фактот што одлуките во ЕУ се спроведуваат во земјите-членки.

Што се однесува до практичната димензија, потребно е да се констатира, дека иако беа реализирани фундаментални промени во начинот на донесување политички одлуки, честопати с уште како основа несвесно се зема иницијалниот модел презентиран на слика 2, кога станува збор за односот кон и оценувањето на политиката.

Се сеќавате на последната изборна кампања во вашата земја? Дали некогаш сте слушнале некакво упатство од медиумите, политичките актери воопшто да не ги споменуваме, дека просторот за маневрирање е многу ограничен како и дека централните политички одлуки можат да се носат само со другите земји-членки во рамките на ЕУ? Ништо од тоа! Таму ќе слушнете, како што беше случај во старите времиња на суверената национална држава, што различните политички партии можат да придвижат и да направат поинаку и подобро.

Оттаму не е за изненадување што граѓаните ги држат за збор, за потоа да реагираат разочарано и налутено, доколку тоа се покаже како неточно. Сепак, виновни за тоа по правило не се националните политичари, туку омиленото жртвено јагне - ЕУ, која се меша во с
без прашање. Но, како може да се измени тоа? Според наше убедување само така што ќе поставиме еден поинаков модел, којшто ќе ги направи разбирливи за луѓето новите поврзаности на ЕУ како нов конструкт помеѓу националната држава и меѓународната политика. Во она што следи станува збор токму за таков модел.








Систем од повеќе нивоа на ЕУ како нов модел



Чекор 3: ЕУ како систем од повеќе нивоа

Следната слика го прикажува новиот модел што ја концептуализира ЕУ како систем од повеќе нивоа. На прв поглед ова ни оддалеку не изгледа спектакуларно и се чини дека не пренесува никакви нови согледувања. Сигурно и досега знаевте дека постои некоја организација по име ЕУ, дека постојат национални држави и дека во некои од тие национални држави постои поделба на државната власт помеѓу националното и регионалното ниво, како што е случајот со Германија помеѓу сојузот и покраините. Но, доколку погледнеме подетално, можеме да идентификуваме темелни разлики во споредба со стариот модел.

Графика 5: ЕУ како систем од повеќе нивоа



Како прво ЕУ, земјите-членки и нивните регионални единици повеќе не се сметаат како посебни единици, туку како целосен систем. Ова има далекусежни последици, како што ќе покажеме преку примерот со првиот референдум во Ирска за Договорот од Лисабон. Во бројни прилози ваквиот референдум беше оценет како Победа на демократијата. Ова претставува сосем убедлива оценка, доколку како основа се земе нашиот стар модел. Дозволете ни, сепак, да го набљудуваме ваквиот процес низ призмата на разбирањето на ЕУ како систем од повеќе нивоа.

Графика 6: Првиот, одбивачки ирски референдум за Договорот од Лисабон од гледна точка на ЕУ како систем од повеќе нивоа



Како што можете да видите, од ова произлегува една сосем поинаква слика. Со оглед на, овде идентификуваните, меѓузависности во целокупниот систем, далекусежните последици од ирското Не стануваат особено јасни. Тоа го попречи прилагодувањето на институционалната рамка на ЕУ кон реалноста на 27 земји-членки, па затоа и го одложи и спречи и пристапувањето на земјите од Западен Балкан и ги надгласа 23 земји-членки, коишто во моментот на референдумот веќе имаа дадено согласност, бидејќи при договорни измени е неопходна согласност од сите. Дали е тоа победа на демократијата?

Кај овој пример воопшто не се работи за тоа, да оцениме, дали ирската одлука беше исправна или не. Тоа го наведовме особено за да појасниме, дека новата реалност од повеќе нивоа, којашто континуирано се воспоставуваше со експлицитна согласност од сите земји-членки, н
тера да ги оставиме настрана нашите стари модели и внимателно да размислиме за една цела редица работи како што се демократијата, граѓанското учество, но исто така и начинот на кој подучуваме политика. Со неколку примери што следат би сакале да ви покажеме, дека моделот на систем од повеќе нивоа може да даде придонес и како може да го стори тоа.







Побивање на вообичаените предрасуди



Чекор 4: Ползата од моделот на систем од повеќе нивоа

Една од најраширените предрасуди во врска со ЕУ е проценката, дека бирократи непознати за овој свет донесуваат одлуки што значително влијаат врз животот на граѓаните, без притоа да се знае рамката во различните земји-членки, поради што и не се земаат предвид нивните барања и потреби. Проверката на фактите врз основа на моделот со повеќе нивоа покажува, колку ваквата предрасуда е далеку од реалноста.

Ваквата предрасува е неисправна затоа што претставниците на земјите-членки претставуваат интегрален елемент во централните ЕУ-институции, како што е случај особено со Советот и Европскиот совет. Покрај тоа, Европскиот совет го номинира претседателот на Европската комисија, кој, пак, се избира од Европскиот парламент. И тоа е само врвот на сантата мраз. Исто така, земјите-членки се директно вклучени во одлуките на ЕУ на административно ниво во стотици комисии на Советот и на Комисијата со свои службеници во сите области и можат таму да ги наведат своите претстави, а со тоа и интересите на граѓаните.

Секако, учеството во одлуките на ЕУ не е ограничено само на државните актери од земјите-членки. Важна улога играат исто така и недржавни актери. Иако тие, се разбира, не можат сами да донесуваат ЕУ-закони, тие се во состојба значително да влијаат во нивните содржини. Што се однесува до граѓаните, тие се инволвирани во таа мера што тие ги избираат пратениците во Европскиот парламент - институција што располага со големо влијание. Покрај тоа, тие имаат можност, преку националниот суд, да се обратат до Европскиот суд на правдата, чии пресуди во минатото значително влијаеја и го променија ЕУ-системот, во некои случаи и против волјата на земјите-членки.

Конечно, многу граѓани се дел од (национални) здруженија, коишто од своја страна дејствуваат мошне активно во процесите на одлучување на ЕУ. Тие ги презентираат своите идеи и желби директно во Европскиот парламент и кај Комисијата, а со своето членство во ЕУ-здруженијата, коишто се обраќаат до надлежните служби во Комисијата, тие располагаат со важни канали за влијание. Притоа овде не станува збор само за еднонасочна комуникација (лобирање во Комисијата преку здруженија), туку и самата Комисија има потреба од информациите, стручното мислење, а во некои случаи и од соработка на здруженијата при имплементација на директиви и регулативи.

Освен тоа, за националните здруженија и понатаму постои можност, во нивните земји да вршат притисок врз претставници од своите влади, кои со своето членство во ЕУ-институциите можат да ги внесат соодветните аргументи и желби. Се работи за стратегија која ветува успех особено кога мора да се одлучува едногласно, или со други зборови кога секоја одделна влада на земјите-членки располага де-факто со право на вето. Освен тоа, со влегувањето во сила на Договорот од Лисабон се зајакна позицијата на националните парламенти во системот на ЕУ од повеќе нивоа и се воспостави можност за една Европска граѓанска иницијатива.

 



Резиме

Во овој дел се обидовме да ви покажеме, што е ЕУ и како може таа да се разбере. Видовте дека широко распространетите потешкотии што се набљудуваат, можат да бидат сведени на тоа, дека кај Унијата се работи за еден нов систем, но сепак се прави обид, истиот да се опфати со досега вообичаените модели.

Затоа ви претставивме нов модел (со повеќе нивоа), којшто според нашето убедување, кое почива на повеќегодишно искуство во академското образование како и во образованието на возрасни, може да помогне во подоброто разбирање и соодветно оценување на предметот ЕУ во неговата комплексност, како што се обидовме да ви прикажеме на примерот со приказната за далечните, за овој свет непознати, бирократи од Брисел.

Сега се наметнува следното прашање: Како воопшто можело да дојде до создавањето - и постојаниот натамошен развој - на овој систем од повеќе нивоа. Зошто земјите-членки и понатаму пренесуваат надлежности на ЕУ, иако многу влади постојано се жалат за премногу длабокото мешање на ЕУ? Со други зборови: што беа и што се носечките сили на процесот на интеграција? На оваа тема ќе се осврнеме во следниот дел.

... понатаму кон дел 3: Развојот на ЕУ


[ Текст и графики: Друштво Агора]
 

 

Нагоре

D@dalos почетна

Почетна

Графички преглед

Контакт

1998-2011 D@dalos - политичко образование, Воспитување за демократија, Образование за човековите права, Педагогија на мирот (проект на Pharos e.V.), Веб: Агора